Иако за тоа постои законска регулатива и одлука на министерството за Образование и наука министерката Мила Царовска денеска не организирала свеченост за доделување на највисоката награда за наука во Македонија која го носи името на апостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев.

Иако според документот на МОН кое го води Мила Царовска, како што тоа било традиција со децении, денеска требаше не беше доделена највисоката научна награда за 2020 година, тоа не се случи.

Од министерството денеска немаше официјално соопштение зошто не се доделува оваа награда во чест на Делчев.

Конкурсот за наградата е распишан уште во текот на минатата година и во него специфично стои дека наградата требало да биде доделена денеска.

Дали Царовска ги следи политичките комбинаторики на Пендаровски и Заев кои денеска не се појавија на гробот на Делчев или се работи за други причини од МОН не соопштуваат.

Во продолжение целиот конкурс од кој се гледа дека Царовска како член на владата крши документи кои се однесуваат на највисока државна награда со името на Гоце Делчев:

Врз основа на Законoт за државните награди („Службен весник на Република Македонија“ бр. 52/2006, 54/07 и 74/12), Правилникот за работа на Одборот за доделување на наградата „Гоце Делчев“ („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/09, 25/11, 9/15 и 1/16) и Записникот од првата седница на Одборот одржана на 09.12.2020 година, Одборот за доделување на наградата „Гоце Делчев“ распишува

К О Н К У Р С

ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ НА НАГРАДАТА „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ ВО 2021 ГОДИНА

Со наградата „Гоце Делчев“ се оддава општествено признание за особено значајни остварувања од интерес за РС Македонија во областа на науката.

Наградата во 2021 година се доделува за научна книга или дело објавено во 2020 година.

Наградата „Гоце Делчев“ се доделува на 4 Мај – денот на смртта на Гоце Делчев.

Наградата, под услови определени со Законoт за државните награди („Службен весник на Република Македонија“ бр. 52/2006, 54/07 и 74/12) и со овој конкурс се доделува на поединци или на група автори од земјата или од странство.

Право на конкурирање имаат дела од еден автор или група автори што се одделно објавени, рецензирани и каталогизирани. За датумот на објавувањето се смета датумот што е објавен во каталогизацијата на публикацијата (ЦИП). Право на конкурирање немаат остварувања објавени во стручни и научни списанија со импакт фактор, како и поглавја или делови од книги.

Поединец или група автори може да биде добитник на награда во истата област само еднаш

Член од група автори може како поединец да биде добитник на наградата за друга книга или дело во истата област.

Предлози за доделување на наградата можат да поднесат: установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани.

Предлогот за доделување на наградата треба да биде образложен и да содржи: лични податоци за авторот, односно авторите, адреса на живеење, контакт информации, библиографски податоци и кратко образложение за значењето на остварувањето кое се предлага за наградата. Предлозите за научна книга или дело објавени на други јазици треба да содржат кратко резиме на македонски јазик до 3 страни и содржина на македонски јазик до 5 страни.

Предлогот за доделување на наградата треба да биде приложен во 3 примероци. Кон предлогот треба да бидат приложени најмалку 3 оригинални примероци од научната книга односно дело, и примерок во електронска форма доставен по е-пошта.

Предлозите за доделување на наградата треба бидат поднесени од 25.12.2020 до 15.02.2021 година на адреса:

МИНИСТЕРСТВО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА

Одбор за доделување на наградата „Гоце Делчев“

ул. „Св. Kирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје

Некомплетните предлози и предлозите кои не се доставени во определениот рок нема да бидат разгледувани.